дома O архива O контакт O RSS O

Здрави залаци за здрав подој

Бебе Магазин | 2011-10-29 22:32:21

Број Нема број Посетено: 432

Со свежата храна телото на доилката се храни со природни минерали, витамини, ензими, но и убаво се хидрира. Таков организам создава висококвалитетно мајчино млеко.


Мајката што дои треба да јаде околу една четвртина повеќе од здрава возрасна жена што не е бремена и не дои. Во исхраната на доилката треба да доминира здрава, природна и свежа храна, што подразбира многу свежо овошје и зеленчук, но и свежи јаткасти плодови како бадеми, лешници и ореви, советува нутриционистот Цвета Динева од „ЦД Диет клуб“. Таа вели дека во изминативе десет години до неа се обраќале трудници и мајки доилки со здравствени проблеми, како слабокрвност, опстипација, замор, исцрпеност, кандида, висок притисок, и сите биле решени само со здравиот начин на исхрана. 


 


ЗА ДОИЛКАТА 500 КАЛОРИИ ПЛУС 


 


Се проценува дека на мајката додека дои и се потребни дополнителни 500 калории, но, како и во бременоста, поради тоа не треба да јаде двојно повеќе. Треба да јаде разновидна и што помалку преработена храна. Мастите што се наталожени во текот на бременоста се извор на енергија за мајката. Ако е исхраната добра и разновидна, не се потребни додатоци од типот на витамини и минерали. 


Кај доилките е зголемена потребата за белковини, калциум и речиси за сите други витамини. Мајките доилки што имаат специфични навики во исхраната (вегетаријанки, макробиотичари) и тие што боледуваат од некоја хронична болест (дијабетес, цистична фиброза, бубрежна инсуфициенција) за својата исхрана треба да се посоветуваат со својот доктор. Доколку мајката е вегетаријанка и избегнува продукти од животинско потекло, треба да зема дополнително витамин Б12. 


 


ЧАША ТЕЧНОСТ ПРЕД СЕКОЈ ПОДОЈ 


 


Мајката во периодот на доењето има поголема потреба од течности од вообичаено. Сепак, најдобро е таа да се води според чувството на жед. Може да пие вода, овошен сок, млеко или супа. Ако мајката не е многу склона кон пиење течности, мора да развие навика пред или по подојот да испие една чаша со некоја течност. Заблуда е дека за успешно доење мајката треба да пие големо количество млеко, пиво или боза. 


Иако течностите се важни во периодот на доење, не се препорачува да се пие претерано, па дури и кога доилката не чувствува никаква жед. Претераното консумирање течности, напротив, може да доведе до намалување на количеството на млекото во дојките на мајката. 


Јасно е дека алкохолот треба да се избегнува во периодот кога мајката дои, но повремено може да се испие по една чаша вино. 


Кафето, исто така, треба да се редуцира. Дозволено е по една чаша црно кафе на ден, максимум две, при што треба да се имаат две работи на ум: прво, ако детето и на тоа количество реагира со немир и со неспиење, мајката во целост треба да го исфрли кафето од употреба, второ, кофеин има и во чај, „кока-кола“ и во работи што имаат сличен состав и дејствување, како и во какаото и чоколадата. 


 


ДОЕЊЕТО ЈА ВРАЌА ВИТАТА СТАВА НА МАЈКАТА 


 


Доењето е најдобар и воедно природен начин на кој жената ги губи вишокот килограми добиени за време на бременоста. Вообичаено, по породувањето, доилките месечно губат од 0, 5 до 1 килограм телесна тежина. Посебни диети за слабеење не треба да се применуваат за време на доењето без лекарски совет и надзор. 


Ако два месеца по породувањето доилката не изгубила ниту килограм од телесната тежина, се препорачува да ја зголеми физичката активност и да намали со консумацијата на скроб и на слатки. Никако не се препорачува држење строги диети, особено во првите два месеца по породувањето. 


 


 





Одберете дали се работи за коментар или прашање:

* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.

Коментари:
(сите коментари ќе бидат одговорени во печатеното издание на Бебе Магазин)
x