Бебе Магазин | 2011-10-29 19:40:04
Гениталниот хуман папилома вирус или ХПВ е најчест тип на сексуално преносливи болести. Најмалку три четвртини од жените и мажите се заразуваат со овој генитален вирус, а повеќето од нив не ни знаат дека биле заразени бидејќи често не се покажуваат видливи симптоми кои понатаму исчезнуваат сами од себе.
Жените кои имаат Хуман папилома вирус (ХПВ) за време на бременоста се прашуваат дали тоа може да му наштети на плодот. Според асс. д-р Боривоје Павловски, специјалист по гинекологија во Универзитетската клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, инфекцијата со ХПВ нема сериозно влијание врз мајката и плодот.
- Доколку се присутни брадавици кај мајката предизвикани од ХПВ, тие може да се зголемат и намножат во текот на бременоста поради специфичната хормонална и имунолошка состојба предизвикана од самата бременост. Не е докажано дека оваа инфекција предизвикува предвремено породување, спонтан абортус или влијае на растот и развојот на плодот. При нормална бременост плодот не може да се зарази во матката на мајката поради заштитната функција на плодовите обвивки. Единствен ризик за плодот е неговата инфекција при самиот акт на породување преку инфицирани родилни патишта. Оваа инфекција и во тие услови е редок случај, но и да се зарази плодот при породувањето, неговиот имунолошки систем во првите години од животот може да се избори со овој вирус. Поради сето ова, нема индикација за породување со царски рез на трудница со ХПВ – објаснува д-р Павловски.
Ако се случи бебето да се зарази со ХПВ, кај него може да се појават брадавици на гласните жици, или на некои други делови од телото во периодот од една до три години, или пак подоцна во детството. Ваквото нарушување се нарекува рекурентна респираторна папиломатоза и е доста сериозна состојба, но за среќа се случува многу ретко.
Рутински, трудниците не се тестираат за ХПВ. Многу жени дознаваат дека се заразени кога ќе се развијат брадавици или ако тестот Папаниколау е абнормален.
Тестот за ХПВ може да открие вообичаени типови на високоризични видови на овој вирус, а жените постари од 30 години може да направат ваков тест во исто време кога прават и тест Папаниколау. Меѓутоа, тестот може да се направи и во одредени околности, независно од староста.
ТРЕТМАН СО КИСЕЛИНСКИ РАСТВОРИ, ТЕЧЕН АЗОТ И ЛАСЕР
Не постои лек што може да ве ослободи од вирусот. Трудниците кои имаат ХПВ и брадавици, докторите можеби ќе одлучат и да не ги лекуваат бидејќи тие често се губат сами од себе по породувањето. Меѓутоа, постојат разни третмани кои можат да се применат за безболно отстранување на брадавиците во текот на бременоста. Се користат посебни киселински раствори, течен азот, ласер, а може и со хируршки зафат.
Постојат производи во аптеките кои се користат за лекување на брадавиците, но не се препорачува да се користат во периодот на бременоста.
Ако тестот Папаниколау е абнормален, гинекологот можеби ќе направи преглед на вагината и на грлото на матката со посебен микроскоп. Оваа процедура се нарекува колпоскопија.
Доколку се воочат некои сомнителни промени, можеби ќе се направи и биопсија на тоа ткиво, што може да предизвика непријатно чувство и крварење. И доколку нема докази за инвазивен рак, докторот најверојатно ќе почека да помине породувањето, па потоа да се лекуваат абнормалните појави. Состојбата на трудницата треба да се следи, а колпоскопијата пожелно е да се повтори во шестата до осмата недела по породувањето, за да се види дали промените се уште постојат.
ПАП ТЕСТ ВО ПРВИТЕ ТРИ МЕСЕЦИ ОД БРЕМЕНОСТА
Во основа, на секој третман кај пациентки со присутна ХПВ инфекција најважно е нејзиното рано откривање.
ПАП тестот потребно е да се направи во првите три месеци од бременоста. Во случај на присутна епителна атипија според резултатот од ПАП тестот, потребно е да се направи типизација на вирусот со цел да се потврди дека се работи за ниско или високоризичен тип на вирус. Доколку се присутни кондиломи во реонот на вулвата, вагината или грлото на матката се препорачува нивно отстранување со разни деструктивни или екцисивни методи (ласерметода, криометода или отстранување со ултрасоничен нож) во вториот триместар на бременоста. Во случај на поголема епителна промена чиј предизвикувач е високоризичен ХПВ, се препорачува колпоскопија и биопсија од зоната на промена за дефинитивна патохистолошка дијагноза. Сето ова се препорачува да се направи во вториот триместар од бременоста.
-Ако по патохистолошката дијагноза се потврди тешка дисплазија на епителот (ЦИН 2 или ЦИН 3) се препорачува по завршување на бременоста и породувањето да се направи конизација на грлото на матката, со цел да се отстрани промената. Во случај резултатот од патохистолошката дијагноза да покаже рак на грлото на матката, доколку бременоста е влезена во трет триместар се советува брзо породување, за да се почне со соодветен третман. Доколку бременоста е во првиот или во почеток на вториот триместар се советува прекин на бременоста и почеток на третман за лекување на ракот на грлото на матката - вели д-р Павловски.
МОНОГАМНОСТА НАЈДОБРА ПРЕВЕНЦИЈА
Ризикот од оваа инфекција може да се намали ако имате сексуални односи само со еден партнер кај кого не се појавиле брадавици на гениталиите. Но, вашиот партнер може и да не знае дека е заразен од ХПВ и може да го пренесе вирусот без манифестација на симптомите.
Штом се менуваат повеќе сексуални партнери, поголема е веројатноста дека сте заразени со овој вирус. И ако сте веќе заразени, или сте биле, инфекцијата предизвикана од еден вид вирус не пружа заштита од други видови на ХПВ.
Со оглед на тоа дека оваа инфекција спаѓа во сексуално преносливи болести, најсигурен начин за заштита е користење презерватив при полови односи. Правилната и доследна употреба на кондоми од латекс исто така го намалува и ризикот од други сексуално преносливи болести. Веројатноста од добивање ХПВ кај жени кои користат кондоми при секој сексуален однос со партнерот, е многу помала, за разлика од оние кои не користат. Но сепак, кондомите не пружаат целосна заштита, бидејќи иако ХПВ не може да продре низ латексот, вирусот може да биде распространет по деловите кои не се покриени со кондом, а исто така, кондомот може да се скине или да пукне.
ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ ХПВ НЕ СЕ ЗА ТРУДНИЦИ
По породувањето може да се примат вакцини против некои типови на ХПВ. Кај нас вакцинацијата против ХПВ е воведена во 2008 година. Се вакцинира млада популација до 27 години за неколку типови на ХПВ (6, 11, 16, 18). Вакцинацијата се врши во три дози. Д-р Павловски истакнува дека нема контраиндикација за вакцинирање на пациентки со присутни епителни дисплазии (ЦИН 1, 2 и 3). А, на трудници им се забранува ХПВ вакцинација.
КАКО СЕ ПРЕНЕСУВА ХПВ
Хуман папилома вирусот е ДНК вирус кој припаѓа во групата папиловируси. До денес се откриени над 130 подтипови од овој вирус нискоризични (6, 11, 42, 43, 44) и високоризични (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56, 58) типови. Главна карактеристика на овој вирус е што се пренесува преку незаштитен вагинален и анален секс, а поретко преку орален секс или преку директен контакт на гениталиите.
- По настанатата инфекција вирусот се инкорпорира во геномот на клетката домаќин и започнува со појава и продукција на атипични клетки во пределот на вулвата, вагината и грлото на матката односно во аногениталната регија кај инфицираното лице. Ова предизвикува појава на премалигни лезии кои ако не се третираат можат да преминат во рак. Симптомите се повеќе оскудни и не специфични за овој тип на инфекција. Одредени подтипови даваат брадавици во аногениталната регија, кои може да се со рамни и засилени врвови – објаснува гинекологот Боривоје Павловски.
Тие може да предизвикаат неспецифично воспаление на грлото на матката со засилен секрет или воспаление на вагината. Поради слабата и неспецифична симптоматологија, а истовремено и сериозноста на инфекцијата со сите ризици по здравјето на пациентите, се препорачува редовен гинеколошки преглед.
* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.
Во продажба е јануарскиот број на Бебе Магазин. Во него читајте за: