дома O архива O контакт O RSS O

Што да јадете за да бидете плодни?

Бебе Магазин | 2011-10-29 22:10:01

Број Нема број Посетено: 857

За да се зголемат шансите за забременување, потребна е исхрана богата со витамини, минерали, фитохемикалии, протеини, комплексни јагленохидрати и природни масни киселини.


Кога се обидувате да забремените, начинот на исхрана е фактор што игра важна улога иако, за жал, тоа често го занемаруваме. Тоа што го јадеме не само што влијае врз шансите за зачнување кај жената туку и кај мажот здравата исхрана го зголемува квалитетот и квантитетот на спермата. Според Драгица Зенделовска, доктор по хемиски науки при Центарот за интегративна медицина „Органика“, соодветната и правилна исхрана може да ги зголеми шансите за успешно природно забременување. 


- Есенцијалните хранливи материи се потребни за правилна работа на ендокрините жлезди одговорни за плодност. Недостигот од есенцијални хранливи материи најчесто се должи на слабо варење на храната или на несоодветна и неправилна исхрана. Имено, исхраната со преработена храна и намалено консумирање свежо овошје и зеленчук не овозможува доволно внесување на неопходните хранливи материи за плодност. За да се зголемат шансите за забременување, потребна е исхрана богата со витамини, минерали, фитохемикалии, протеини, комплексни јагленохидрати и природни масни киселини. Тоа значи режим на исхрана богат со свежа, органска храна (свежо овошје и зеленчук, јаткасти овошја и семки, зрна, риба, месо, јајца) што треба да се спроведува пред и во текот на бременоста - вели Зенделовска. 


 


МЕНИТО Е ВАЖНО И ЗА МАЖИТЕ


 


Исхраната е еднакво важна и за мажите што се обидуваат да ја оплодат партнерката. Зенделовска вели дека многу фактори може да влијаат врз функционирањето на хормоните кај припадниците од посилниот пол, како и да ја намалат продукцијата на спермата. Негативно влијание имаат масната и пржената храна, храната богата со прости шеќери, риба и морски плодови со висока содржина на жива, зголемената употреба на алкохол и цигари, стрес, недостигот од витамини, повредата на тестисите, разни заболувања, употреба на определени лекови, токсини, хемикалии, изложување на тешки метали, употреба на топли бањи и др. 


- За да се подобрат продукцијата и квалитетот на спермата, потребна е исхрана со свеж зеленчук, овошје, полни зрна житарки, риба, јаткасти овошја и семки. Треба да се елиминира преработената и рафинираната храна (бело брашно и производи од него), брзата храна, шеќерите, заситените масти и хидрогенираните масла (маргарин) и тие треба да се заменат со ладноцедени масла. Статистиката покажува дека тие што во исхраната користат трансмасти, наместо мононезаситени масти, како маслиновото масло, имаат двапати поголем ризик од развој на проблеми поврзани со плодноста - истакнува Зенделовска. 


Таа препорачува зголемена употреба на семки од тиква по половина чаша на ден. Семките од тиква се богати со цинк и со есенцијални масни киселини. 


Што се однесува до водата, организмот на идните родители треба да биде нормално хидриран. Дневниот внес на вода треба да биде најмалку осум чаши. Покрај тоа, препорачливо е консумирање свежоцедени овошни сокови, како и сокови од зеленчук, кои треба да се пијат пред јадење.


 


НЕ ГИ ЗАБОРАВАЈТЕ ПРОТЕИНИТЕ 


 


Препорачано е секојдневно консумирање храна богата со протеини (една порција), која ќе му обезбеди на организмот широк опсег на аминокиселини (грашок, леќа, грав, јаткасти овошја, семки, јајца, тофу, свежа риба, месо). Најважно е да се користат продукти од органско потекло бидејќи многу хемикалии и хормони што се користат во продукцијата на животински продукти содржат синтетски супстанции што може да дадат негативен ефект на органите и на ендокриниот систем. 


 


ИНТЕГРАЛНИТЕ ЖИТАРКИ ОДЛИЧЕН ИЗВОР НА ЈАГЛЕНОХИДРАТИ


 


Една порција интегрални житарки дневно може да обезбеди доволно количество комплексни јагленохидрати. Тие (овес, кафеав ориз, 'рж, јачмен, пченица, киноа) се комплексни јагленохидрати што ни даваат енергија преку бавно ослободување шеќери, но, исто така, содржат и големо количество витамин Е и витамини од групата Б, кои се есенцијални за клеточна репродукција и одржување хормонална рамнотежа. 


 


 





Одберете дали се работи за коментар или прашање:

* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.

Коментари:
(сите коментари ќе бидат одговорени во печатеното издание на Бебе Магазин)
x