Бебе Магазин | 2011-11-19 21:29:48
Градинка е збор кој нѐ асоцира на многу убав, весело уреден простор, шаренило, насмеани лица, песнички. На прв поглед, сѐ е насочено да предизвикува позитивна возбуда и желба да се биде дел од случувањата во овој простор од бајките. Подготвувањето за одење во градинка е значајно како за детето, така и за родителите. Покрај одлуката кога да се пушти детето во градинка, која треба да е цврста и сигурна, треба да се увидат и некои емоционални доживувања кои се јавуваат кај децата, и секако и кај родителите.
Првото искуство е стресно
Речиси без исклучок, првите искуства и контактот со градинка е стрес за децата. Тие јавно и бучно сакаат да го избегнат тој стрес, а кај родителите во најмала рака предизвикува измешани емоции на возбуда, тага, радост и страв. Новиот свет, со нови правила и граници кој се отвора пред детето, секако е гломазен и страшен за детето брзо да го прифати. И покрај тоа што нуди многу поддршка и интересни новини, детето ја прифаќа градинката постепено. И секако, низ тој постепен процес ќе биде присутна возбуда, која детето најчесто ќе ја манифестира преку одбивање да оди на тоа ново место, а она што му е пријатно и убаво таму нема да сака веднаш да го сподели дома (така останува лојално на родителите, односно им става до знаење дека без нив нема ништо убаво).
Улогата на родител е една од најзначајните, која човекот ја има во својот животен век и сите промени кои се случуваат на релацијата дете-родител, а подразбираат одвојување на родителот и детето на едно востановено ниво, предизвикува возбуда (прво одење во градинка, прво одење во училиште, прва екскурзија, прво вечерно излегување итн.). Таа возбуда е природна и треба да се следи и почитува нејзиниот интензитет, кој е конструктивен до извесни граници.
Родителот треба често да му кажува на детето дека го сака и дека е тука за него, но дека е во ред неколку часа (некој период) да поминува со други луѓе и деца и да се забавува и со нив, и дека потоа пак ќе бидат заедно. Ако детето е премногу возбудено, може да го саботира процесот на одвојување, родителот може да стане премногу емотивен (лут кон некого или нешто поврзано со градинката или премногу се соживува со емоциите кои ги манифестира детето) и не може соодветно да го поддржи своето дете да се прилагоди во градинката.
Нека има и други авторитети
Тагата е природна последица на сите одвојувања. Почетокот на одење во градинка е едно од првите и многу значајни одвојувања кои родителите ги прават од своите деца. Пуштајќи го за прв пат своето дете во градинка родителот се одвојува од него дозволувајќи и прифаќајќи и друг авторитет да го креира карактерот на неговото дете. Радоста се јавува кога родителот гледа дека детето е на прагот на својата социјализација, дека веќе е спремно да влезе во светот на другарувањето, споделувањето, учењето на социјалните вештини итн.
Присутен е страв за тоа како детето ќе се вклопи, дали ќе има трауматски искуства, што ако е агресивно кон другите деца или што ако другите го напаѓаат... Понатаму, тоа значи дека детето покрај со други деца, ќе се дружи и со бактерии и вируси. Тоа од родителот бара ново организирање на своето време, поголемо изложување на стрес поради болестите со кои детето евентуално би било во контакт. Од друга страна, постои страв дека родителските вештини ќе бидат изложени на проценките на воспитувачките/негувателките за што многу е важна довербата во себе како родител кој прави најдобро што може за своето дете.
Дајте му време да се прилагоди
Вистинската формула како да се издржи периодот на прилагодување во градинка е индивидуална рамнотежа на гореспоменатите емоции. За да се постигне таа рамнотежа, клучно е трпението. Детето ќе се прилагодува со свое темпо, кое не значи дека ќе биде праволиниско. Првата недела може да биде помалку стресна за детето од втората или од третата. Важно е родителот му даде простор и време на своето дете дури и да тагува и постепено да се приближува кон градинката. Но, родителот никако не смее да го прекине процесот на прилагодување во новата средина.
Тој треба да биде трпелив и да не ја споменува градинката во контекст на казна (Ако си непослушен, утре ќе одиш во градинка или Ќе ѝ кажам на учителката дека дома си непослушен или на другарчињата да не играат со тебе). Исто така е многу важно да им се верува на негувателките и воспитувачките , особено за темпото на прилагодување. Градејќи го тој однос врз доверба ќе му помогнете и на вашето дете да се опушти и да верува во новата средина. Тоа е многу значајно за него за целиот негов натамошен развој и начин на кој ќе пристапува кон средината и ќе ги гради своите контакти.
М-р Марија Стојкоска – Василевска
психолог, психотерапевт во Ре-медика
* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.
Во продажба е јануарскиот број на Бебе Магазин. Во него читајте за: