Бебе Магазин | 2012-01-28 17:35:37
Кристина Тодоровиќ Николиќ е креативна, упорна и амбициозна млада жена и мајка, одговорна и доследна на семејството од една страна и повеќе од подготвена да го понесе товарот на деловниот успех, од друга. Како генерален и извршен директор на компанијата „Тинекс“, Кристина признава дека не е лесно да се гради успешна кариера, а истовремено да се одвојува подеднакво време за потребите на децата. Таа, сепак, тврди дека тоа не е невозможно. Знае точно што сака, беспрекорна е, со силна мотивација и желба да ги достигне своите животни цели, а за себе вели дека едноставно не може и не знае како поинаку.
- Сакам да бидам диригент на својот живот, сакам да планирам и да знам однапред што следи, така сум мирна и среќна. Сакам да сум со луѓе кои се позитивни и кои не ме оптоваруваат со небитни работи, сакам да патувам, ги сакам убавите места, сакам да уживам во животот - вели Кристина, која успехот во кариерата го пресликува и во личниот живот.
Сака големо семејство, засега е мајка на тригодишниот Владимир, а на пат е уште една принова.
Како успешна деловна жена, со одговорна функција, како успевате да ги усогласите мајчинството и кариерата?
- Се снаоѓам, некои денови подобро некои полошо, балансирам, некогаш работам повеќе за сметка на времето поминато со Владимир, некогаш, пак, успевам да ги завршам обврските порано и да му се посветам на семејството. Не е воопшто лесно. Некогаш правам избор кој не ми се допаѓа во моментот, но, знам дека морало така да биде. Понекогаш чувствувам и грижа на совест, бидејќи премногу работам, но се обидувам да надоместам подоцна. Обично, кај мене сѐ е испланирано со месеци однапред, бидејќи така најдобро функционирам, кога знам кога и што следува, па така ги усогласувам и овие две работи, и сметам дека тоа добро го правам.
Ви недостига ли време што би го посветиле само на себе?
-Секако дека ми недостига, сега сето слободно време е посветено на семејството. Ми недостига одмор, особено сега кога сум по втор пат бремена и искрено оваа бременост ја поднесувам потешко од првата, затоа што едноставно ми недостига одмор, сон и време само за мене и за релаксација. Во периодов и на деловен, но и на личен план имаме многу обврски, но, полека се се средува и се надевам дека наскоро сите ќе се одмориме и дека ќе собереме нови сили пред доаѓањето на бебето.
Како,според вас, се мери успехот на родителот?
-Успехот на родителот се гледа во детето, бидејќи детето е производ на родителот и е под директно влијание на родителите. Но, морам да признаам дека јас во овие три години од кога го имам Владимир направив многу отстапки од она што го имав зацртано дека моето дете ќе прави или нема да прави. Секое дете е личност уште од првиот ден и таа личност има свој карактер кој не секогаш е онаков каков што родителот замислил или посакувал. Многу навики кои Влатко ги има се навики кој тој ги постави и наметна без разлика што јас мислев дека треба да биде поинаку. Јас тоа го почитувам и не мислам дека децата треба буквално се да послушаат или да прифатат, едноставно затоа што ние како родители мислиме дека така треба. Многу секојдневни ритуали се по негова мерка, за многу од секојдневните работи Влатко може сам да одлучи како сака, се додека неговата безбедност или здравје не се загрозени. Почитувајќи ги неговите идеи, желби и замисли како нешто треба да изгледа, ние изградивме еден однос на доверба и сега тој знае дека кога нешто кажуваме како треба или не треба, тоа е навистина за негово добро и дека ние му го мислиме само најдоброто. Па така, тој е многу послушен кога станува збор за здрав начин на исхрана, здрави навики, хигиена, одење на доктор, чување и средување на играчките и слично.
(Повеќе прочитајте во јануарскиот број на Бебе Магазин)
* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.
Во продажба е јануарскиот број на Бебе Магазин. Во него читајте за: