дома O архива O контакт O RSS O

Дисциплината не е казна

Бебе Магазин | 2011-10-29 20:35:48

Број 63 Посетено: 365

Однесувајте се кон своето дете со почит каква што сакате за себе. Кога го дисциплинирате детето, прашајте се дали му покажувате толкаво внимание или уважување колку што сакате тоа да ви возврати. Ако тоа не е случај, размислете за некој друг пристап.


Дисциплината е процес на учење на децата на прифатливо однесување во рамки на одредени граници. Иако многу родители ги мешаат тие два поима, дисциплината не е иста со казнувањето. 


Казната ја третира личноста како виновник и ја соочува со минатото. Дисциплината го третира погрешното однесување и ја соочува личноста со сегашноста и со иднината. Целта е кај децата постепено да се постигне самодисциплина која ќе им биде водич низ животот. 


 


РЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА


 


Децата помали од пет години не се мотивирани да ги следат правилата за да го прават тоа што е правилно, туку се однесуваат така за да добијат одобрување за своите постапки од возрасните кои се битни во нивниот живот или за да ги избегнат последиците. Разликувањето на доброто од лошото за нив е апстрактен концепт чие сфаќање бара време и искуство. 


Различна возраст и различни степени на развој бараат и поинакви потреби и дисциплински предизвици. 


На возраст од една година децата почнуваат да учат дека не можат да се  однесуваат секогаш како што би сакале, но се уште не можат едноставно да ги сфатат и да ги следат правилата. 


На две години децата допрва почнуваат да следат едноставни правила и се уште не се во состојба доследно да се придржуваат до нив. 


На три години децата можат да следат уште некои правила, иако ни сега доследно. Вообичаено, можат да дојдат кога ќе ги викнете, да избегнат некои опасности и да задоволат некои барања на возрасните. 


На четири години децата се уште имаат ограничена самоконтрола, но можат да следат некои насоки, да ги задоволат барањата на авторитетите, да вратат предмети на место и да се однесуваат внимателно кон предметите. 


Голем број дисциплински проблеми може да се спречат така што вашиот дом ќе го направите безбеден за детето и ќе ги следите рутините за јадење, спиење, одмор, домашни обврски и играње. Рутината на децата им обезбедува пријатност зашто знаат што да очекуваат и кога тоа да го очекуваат. 


Возрасните треба да ги штитат од повреди децата, бидејќи тие се уште не можат добро да помнат и да ги следат зададените правила. Нормално е малите деца понекогаш лошо да се однесуваат зашто се во процес на учење правила. 


Физичкото казнување, како удирање по газето, тепање, удирање шлаканици или тресење, му штети на детето. Не е добро кога детското однесување е условено со страв, а не од стремежот кон одговорно однесување. Физичкото казнување на децата може да развие низок степен на самопочит и да ги зголеми изгледите за нивно агресивно однесување. 


Докажано е дека 60-70 отсто од случаите на злоупотреба на деца почнува со удирање по газето. Учењето на самодисциплината бара детство исполнето со трпение, љубов и ограничувања кои родителите ги спроведуваат доследно и упорно. 


 


ИЗБЕРЕТЕ ВИСТИНСКИ ПРИСТАП 


 


Почит. Однесувајте се кон своето дете со почит каква што сакате за себе. Кога го дисциплинирате детето, прашајте се дали му покажувате толкаво внимание или уважување колку што сакате тоа да ви возврати. Ако тоа не е случај, размислете за некој друг пристап. 


 


Енергија. Помогнете му на детето да ја насочи енергијата во позитивна насока. Овозможете му да трча, да скока, да пее, да танцува, да фрла, да скока во вода, накратко - да биде активно. Вашето малечко дете има неисцрпна енергија која треба да се насочи во позитивна насока зашто во спротивно таа може да биде искористена за лошо однесување. 


 


Позитивни пораки. Кога ги креирате семејните правила задржете се на едноставни позитивни пораки кои ги учат вашите деца на одредени вредности. Утврдувањето на темелните семејни правила е еден од најдобрите начини да му се постават граници на детето. Правилата мора да бидат едноставни, јасни и треба да бидат само неколку. Обидете се да ги избегнете негативните пораки. 


 


Поставете правила во позитивен контекст.


- Хигиената дома ја одржуваме така што сами чистиме што ќе извалкаме. 


- Ја почитуваме приватноста на другите кога тоа некој ќе го побара. 


- Внимателни сме кон другите со буката што ја создаваме. 


- Мирољубиви сме, користиме зборови, а не раце за да решиме некој проблем. 


Искористете ги семејните правила за да го водите вашето дете кон целта која сте ја поставиле пред него - така што се ќе правите мазно, а детето ќе биде сигурно и секој ќе ги почитува потребите на другите. 


 


ФАКТИ ЗА УДИРАЊЕТО ПО ГАЗЕ


 


Повеќето стручњаци се согласуваат: никогаш не ја користете казната која физички или емотивно му штети на детето, вклучувајќи и удирање по газе, тепање, плескање или трескање. Еве ги фактите: 


- Удирањето по газето ја зголемува агресивноста на детето. 


- Децата кои се удирани по газе учат дека удирањето е прифатлив начин за решавање на конфликтите. 


- Удирањето по газе води кон дополнително удирање. Тоа може моментно да го запре или да го намали несаканото однесување, но со време станува помалку ефикасно. 


- Удирањето по газе може да доведе до повреди или злоупотреба на детето, посебно кога е направено во лутина. 


Дисциплинските методи како одвлекување на вниманието, краток одмор, логично заклучување и учење на позитивно однесување се многу поефикасни методи од удирањето.


 


РЕШАВАЊЕ НА ПРОБЛЕМИТЕ 


 


Пред да почнете да го дисциплинирате детето обидете се да најдете брзо решение за некој проблем. Прво размислете, а потоа дејствувајте. Во тоа ќе ви помогне методата СТАР. 


- С (Стоп) – застанете и сконцентрирајте се. На себе, на детето и на проблемот. Размислете за тоа каде сте и што сакате да постигнете пред да направите нешто што дополнително ќе го искомплицира животот на детето и вам. 


- Т (Тхинк) – размислете за решенијата. За многу решенија. Различни решенија. 


- А (Ацт еффецтивелѕ) – бидете ефикасни. Ни најдобриот план нема да успее ако не го спроведете во дело. Изберете ја својата битка. Одредете го вистинското време. Прифатете ја сета помош за да го спроведете планот. 


- Р (Ревиењ, ревисе, рењард) – критика, ревизија, награда. Некои планови веднаш во целост можат да успеат од првиот обид. Повеќето успешни родители мора да ги прилагодат плановите и неколку пати додека не дојдат до вистинското решение. Наградете се за трудот или за успехот. 


 


ХУМОР


 


Користете хумор при дисциплинирањето. Хуморот служи во многу цели: може да ја ублажи борбата или да ве охрабри вас и детето да не ги сфаќате проблемите толку сериозно. Ви дозволува да бидете неусилени кога навистина сакате да се насмеете во некоја ситуација. Може да ги намали стресот и напнатоста и може да ве зближи со детето. Бидете внимателни да не го злоупотребите. 


Малку хумор тука и таму нема да ја уништи вашата дисциплинска програма, но не би требало да ги замени природните и логични последици ниту би требало да се користи за на детето да му кажете колку е неодоливо кога всушност прави нешто неприфатливо или опасно. Но, кога е во функција на смалување напнатост или лутина создавајќи подобри ситуации за соочување со последиците, може да помогне при дисциплинскиот процес, да ги излечи раните, да олесни потенцијално тешки ситуации и да го направи животот попријатен. 


 


КОГА ДА ПОБАРАТЕ ПОМОШ?


 


Децата обично растат и развиваат нови вештини во свое време и со свое сопствено темпо. Понекогаш, на децата им треба дополнителна помош за да се развијат во склад со очекуваното или за да останат здрави и среќни. Понекогаш и на родителите им треба помош за да ги задоволат детските потреби или за да го изберат вистинскиот пат за одгледување на детето. 


 


Побарајте помош за детето 


- Ако се однесува помало од децата на негова возраст.


- Ако покажува мал или никаков напредок по вашите упорни настојувања да го смените неговото однесување во период од најмалку два месеца. 


- Често претерано реагира на некои настани и не може да се смири. 


- Ги загрозува другите, грубо е кон животните или често ги уништува предметите.


- Ако за еден месец покаже значителни промени во влошување на однесувањето. 


 


Помош за вас 


Размислете да побарате помош:


- Ако останете без идеја за дисциплинирање на детето или не можете сами да го решите проблемот и сакате некои други опции или поддршка. 


- Ако вас во детството ве дисциплинирале круто или необично и загрижени сте дека би можеле тоа да го повторите врз вашето дете. 


- Ако сте го довеле детето во опасност или сте го повредиле при дисциплинските мерки. 


- Ако сте загрижени, верувајте му на инстинктот и најдете некој стручен кој може да ви помогне. Размислете и за разговор со семејството и со пријателите. Не мора да бидете загрижени сами. 






Одберете дали се работи за коментар или прашање:

* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.

Коментари:
(сите коментари ќе бидат одговорени во печатеното издание на Бебе Магазин)
x