дома O архива O контакт O RSS O

Атанас Николовски: Убаво е кога знам дека имам наследник

Бебе Магазин | 2011-10-29 20:08:22

Број 63 Посетено: 872

Додека децата се мали доволна е нивната насмевка која исполнува, а кога ќе пораснат, нивниот успех е и наш. Но, убаво е чувството да се знае и дека имате свој наследник.
http://img.bebemagazin.mk/large_pics/IMG_7530.jpg

 


Македонскиот кајакар, Атанас Николовски, минатата година ја доби наградата за најдобар спортист, но, воедно доживеа и голема семејна среќа и благослов, му се роди синот Павел, во чија чест и посвета ја подигна наградата.


Николовски раскажува дека спортскиот дух го наследил од својот татко. Првпат во кајак седнал на шест години, а професионално со оваа спортска дисциплина почнал да се занимава на дваесетгодишна возраст. 


При крајот на минатиот месец, тој го освои второто место на дводневното Балканско првенство во кајак слалом за сениори „Балкан опен“, што се одржа на Матка, а негов моментален најголем стремеж и преокупација е учеството на Олимписките игри во Лондон следната година. 


Како значителен белег во неговата досегашна спортска кариера и негов драг спомен е носењето на државното знаме како предводник на македонската олимписка репрезентација на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.


Говорејќи за своите најголеми радости и за семејниот живот, вели дека секој слободен миг, кога е дома и кога нема натпревари, го користи за дружба со својот десетмесечен син и ужива во неговата насмевка. 


Како посветен професионалец и спортист, смета дека светот би бил подобро место за живеење кога „спортот би бил достапен за секое дете, бидејќи само спортот создава здрава нација“.


 


Од оваа перспектива, како ви изгледа моментот кога дознавте дека ќе станете татко?


-Бев пресреќен, веднаш им соопштивме на најблиските, а до вечерта и на пријателите. Резултатот од тестот се уште го носам во паричникот. Раѓањето на Павел  сосема ми го смени животот. Не можам да опишам колку е убаво чувството дека сте причина за создавање на едно толку слатко суштество. Првите неколку недели не бев ни свесен бидејќи бебето е многу поповрзано со мајката заради сите тие биолошки потреби, но како што расте, така се повеќе се поврзувам со него и ми е се поинтересно. 


 


Како се снаоѓате во секојдневните обврски околу грижата за Павел?


-Со оглед на тоа дека повеќе сум на пат отколку дома, не сум многу вешт во тие секојдневни активности. Тоа и го препуштам на сопругата, а јас повеќе се грижам околу играњето со него и шетањето. 


 


Како би се опишале себе си како татко и во што најмногу уживате како родител?


-Павел е многу живо дете, ме радува тоа што цело време сме во движење со него и дефинитивно игрите со него ми се најдраги.


 


Кога би можеле да смените една работа што би го направила светот денес подобар за вашето дете, што би било тоа?


-Би го направил спортот достапен за секое дете уште од најмала возраст, бидејќи само спортот создава здрава нација.


 


На која возраст е Павел и како вообичаено ги поминувате деновите кога семејството е заедно?


- Павел  има 10 месеци. Инаку, денот ни почнува прилично рано. Павел станува околу 6.30 часот, а бидејќи жената што го чува доаѓа во 7.30 часот, имаме еден час за расонување и играње. Потоа јас и сопругата одиме на работа, а кога ќе се вратиме повторно продолжуваме со игра во домот бидејќи деновите се топли, а попладне задолжително го изнесуваме во парк или одиме до Градски трговски центар. Потоа следува вечера и легнување околу 21 часот, кога ние малку здивнуваме пред телевизор, бидејќи Павел е исклучително темпераментно дете особено во оваа фаза на проодување.


 


Колку сте вешт во усогласување на семејните и професионалните обврски?


-Со оглед на тоа дека имам професија која не дозволува многу избор во однос на усогласување на обврските, кога сум дома и кога немам натпревари се обидувам колку што можам повеќе да му посветам време на Павел. Да беше малку постар можеби ќе можев да го земам со мене, но самите натпревари се и физички и психички тешки, така што и ова не би било некое идеално решение.


 


Според вас, која е најголемата награда за тоа да се биде родител?


-Додека децата се мали доволна е нивната насмевка која исполнува, а кога ќе пораснат, нивниот успех е и наш. И убаво е чувството да се знае дека имате свој наследник.


 


(Повеќе во октомврискиот број на Бебе магазин)


 




Одберете дали се работи за коментар или прашање:

* Сите прашања и коментари поминуваат на процес за активација. Вашите прашања и коментари ќе бидат објавени веднаш по одобрувањето од страна на администраторите.

Коментари:
(сите коментари ќе бидат одговорени во печатеното издание на Бебе Магазин)
x